Сите сакаат светици за жени, а сепак сакаат да ги „трошат“ лесните жени…

лесни жени
Сите сакаат светици за жени, а сепак сакаат да ги „трошат“ лесните жени…

На насловот не му фали образложување, затоа што и нашето општество често не дава образложувања додека уредно им лепи етикети на жените. Со една претрага низ интернетот, ќе најдете милион термини како „лесни жени“, додека мажите ги подразбираме како „тешки“. Тоа и ние жените им го имаме овозможено затоа што им дозволуваме да нѐ третираат како поубав и понежен пол, додека за нив се резервирани епитетите „силни“ и „јаки“ и „посилни полови“. Она што е нежно и убаво многу брзо може да се претвори во лесно. А општеството тоа најдобро знае како да го претвори.

Прво, општеството мора прво да ја скенира секоја жена. Како е облечена кога ќе излезе, каде и со кого се движи. До кога останува. Ако во сплет на несреќни околности се случи да облече кратко здолниште откако сама била во некој клуб, тогаш таа автоматски станува лесна жена во очите на другите. А таквите се напаѓаат, затоа што според нивната логика „тешките“ жени седат дома и плетат во сабота навечер. Секоја која излегла во сабота навечер е курва. Тоа и другите жени ќе го зборат позади нејзиниот грб, додека уредно ги подготвуваат своите молитви пред спиење.

Жената треба да е мирна, неискусна, неостварена и да седи и чека да биде спасена. Да чека да ја спаси силниот маж кој ќе и го покаже светлото и кој ќе и ја покаже магијата на животот. Он секако треба да биде искусен, затоа што неговата задача е спаси што е можно повеќе жени ширум светот. Ако се случи да сретне жена која сама оди по патот и знае каде се движи, тогаш тоа е лесна жена која се осмелила сама да открива работи. Се знае дека дамите чекаат господа, ако треба и со векови.

Некои од попримитивните, малограѓански и некултурни мажи директно ќе прашаат „кои се по ред“ или ќе прашаат „кој бил првиот“, затоа што женското тело е територија која мажите треба да ја освојуваат. Атогаш се докажуваат себеси и на другите. Оние другите, малку поотворени кон светот, не го прашуваат тоа, затоа што наводно се сосема океј со тоа и тоа воопшто не ги интересира. А лажат! Сите сакаат да ги женат светиците, а да ги трошат овие „лесните“. Затоа што за нив жените се како роба, а тие бираат.

Оној кој бирал многу жени во текот на животот добива аплауз. Тој е способен маж. Посакуван. Мажествен.Искусен.

Онаа која имала повеќе од три мажи е курва. Така велат мажите, а уште полошо така велат и жените.

Промискуитетноста, што и да значи тоа во денешно време, денес има женски род. Едно е да бидете искусен маж, а друго е да бидете лесна жена. Иако ако ја погледнете дефиницијата, ќе сфатите дека е исто. Но, не може да биде. Кога некој рекол дека мажот е лесен? Ако некогаш и е, тогаш веројатно се мисли дека е лесен за да излезе и да се напие со другарите во кафана. Кога некој му замерил на некој маж поради тоа што „имал многу жени“? Никогаш!

Жените во нашето општество како да не им е дозволено да знаат да живеат. Сексуалноста не би смееле да ја прифаќаат како и мажот, затоа што општеството ќе и замери што се однесува како што се однесува и тој. Затоа што жената никогаш нема да може да го направи она што и мажот го може.

Се додека се мери должината на здолништето, испиените пијачки, а се гледа на часовникот кога се враќа дома, жената задоцнила на возот на рамноправноста и храброста.

Таа останала сама во мини здолништето на автобуската станица во три часот наутро за да го чека мажот да ја одведе дома. Затоа што ако остане сама таа е лесна, а тој како и досега ќе ја спасува и ќе ја облекува во долги здолништа за да му биде убава само на него. Лојална и наивна, чесна жена. Се друго е промискуитет. Од женски род.

Извор: aktuelno24.com.mk

Loading...